1 окт. 2025 г.
„Алкалоид“ домаќин на делегација од Европското движење на Норвешка
Во рамките на својата годишна програма за посета на земји членки на Европската Унија и држави кои се наоѓаат во процес на пристапување кон Унијата, претставници на Европското движење на Норвешка (Europabevegelsen), предводени од г. Карл Шиотц Вибје, поранешен амбасадор на Кралството Норвешка во земјава, ја посетија компанијата „Алкалоид“.
Домаќин на делегацијата беше Генералниот директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, г. Живко Мукаетов. Во рамките на посетата гостите беа запознаени со работењето на компанијата, нејзиното производствено портфолио, пласманите и корпоративните активности. Претставниците на Европското движење на Норвешка беа особено импресионирани од богатата историја на „Алкалоид“, колективните спортски достигнувања и долгогодишната посветеност за поддршка на културата, образованието и заедницата.
Карл Шиотц Вибје во Скопје ја извршуваше функцијата Амбасадор на Кралството Норвешка од 2004 до 2009 година. На иницијатива на неговата сопруга, г-ѓа Норун Вибје, со проект поддржан од неколку македонски компании и организации, меѓу кои и „Алкалоид“, во 2008 година беше набавeно Steinway концертно пијано за македонскиот виртуоз Симон Трпчески.
Европското движење на Норвешка е дел од паневропската доброволна организација основана во 1949 година, во чиј круг на основачи бил и Винстон Черчил. Организацијата активно работи на унапредување на европската интеграција и на продлабочување на соработката меѓу европските држави.
Мукаетов ја извршува функцијата Генерален конзул на Кралството Данска од 2007 година и Конзул на Кралството Норвешка од 2023 година.
![[object Object]](/_next/image?url=%2F_next%2Fstatic%2Fmedia%2Fmk-logo.ad91bde9.jpg&w=640&q=75)