25 окт. 2023 г.
ОБРАЌАЊЕ НА ГЕНЕРАЛНИОТ ДИРЕКТОР / ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА УО НА „АЛКАЛОИД“ АД СКОПЈЕ
Живко Мукаетов
Генерален директор / Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД
Во текот на 2024 година фармацевтската индустрија се соочи со значајни предизвици поради макроекономската нестабилност, вклучувајќи инфлаторни притисоци, зголемени трошоци за производство и за логистика, како и флуктуации на девизните курсеви. Прекините во синџирите на снабдување предизвикани од геополитичките тензии и од сложените регулаторни околности влијаеја врз навременото обезбедување суровини. Истовремено, забрзаната дигитална трансформација и интеграцијата на нови технологии наложија трансформација на процесите, континуирана едукација на вработените и дополнително зајакнување на сајбер-безбедноста. Интензивната пазарна конкуренција, особено од производителите на генерички лекови, како и растечката потреба од иновации во истражувањето и развојот дополнително ги зголемија оперативните барања, нагласувајќи ја важноста на ефикасноста, приспособливоста и на долгорочното стратешко планирање.
РЕЗУЛТАТИ
И покрај сите предизвици, „Алкалоид“ успеа да создаде позитивни финансиски резултати во своето работење, надминувајќи го планираното.
Остваривме вкупна консолидирана продажба од 19.005.696.029 денари, што претставува раст од 15 %, додека, пак, нашата консолидирана нето-добивка достигна 1.684.020.094 денари, што претставува раст од 7 % во однос на 2023 година.
Од вкупната продажба 32 % се реализирани на домашниот пазар, додека, пак 68 % од извозот, од кои 27 % на пазарите на ЈИЕ, 22 % на пазарите во Западна Европа, 18 % во Источна Европа, а 1 % на другите пазари.
Најголем пораст во однос на 2023 година е остварен на пазарите на Кипар (980 %), Литванија (233 %), Велика Британија (62 %), Грузија (57 %), Украина (48 %), Португалија (45 %), Монголија (36 %) и Германија (26 %), а сакам да го истакнам и растот на „Алкалоид КОНС“, кој изнесува 32 %.
Од вкупната консолидирана продажба 91 % е реализиран од сегментот фармација, додека, пак, другите 9 % се од сегментите хемија, козметика и билкарство.
БЕРЗАНСКО РАБОТЕЊЕ
Во текот на 2024 година акциите на „Алкалоид“ повторно беа меѓу најтргуваните и најликвидни акции на македонскиот берзански пазар.
Во редовното берзанско работење „Алкалоид“ АД Скопје учествуваше со истргувани 1.412.572.306 денари, што претставува 19,19 % од вкупниот промет остварен на првиот официјален пазар на Берзата во 2024 година. Цената на акцијата се движеше од 18.151 денар до 29.000 денари, со просечна вредност од 22.376,45 денари, што претставува раст од 25,84 % на просечната пазарна цена во однос на 2023 година. Пазарната капитализација на „Алкалоид“ АД Скопје на крајот на 2024 година изнесуваше 40.435.722.250 денари.
На церемонијата за доделување на годишните награди на Македонската берза за 2024 година, „Алкалоид“ АД Скопје доби четири престижни награди, со што уште еднаш се позиционира како лидер во корпоративното управување, пазарниот интегритет и во ESG-перформансите, демонстрирајќи извонредност во транспарентноста, отчетноста и одржливоста. Компанијата доби Награда за најтранспарентно котирано акционерско друштво по избор на медиумите и на пазарните учесници, ја доби наградата Акција на годината врз основа на гласовите на пошироката јавност од заедничката анкета на Македонската берза и порталот „Фактор“, како и Наградата за добри ESG-практики доделенa од Македонската берза во соработка со Американската стопанска комора во Северна Македонија.
ИНВЕСТИЦИИ И ОДРЖЛИВОСТ
Во текот на 2024 година „Алкалоид“ АД Скопје успешно реализираше значителен дел од својата ESG-стратегија за одговорно однесување спрема животната средина и заедниците во кои дејствува, преку голем број хуманитарни активности и активности за општествена одговорност во областа на образованието, спортот, културата, развојот на младите, поддршката на ранливите групи и промоцијата на позитивните општествени вредности. Меѓу најзначајните настани во годината се издвојува хуманитарниот настан организиран за сите вработени во компанијата, како и за нивните семејства и пријатели, преку кој беа собрани околу 2 милиони денари за организацијата „СОС детско село“.
Во служба на квалитетна едукација и развој на идниот стручен кадар во македонското здравство и фармација, „Алкалоид“ продолжи со реализација на програмите за дуално образование и за пракса, за кои интересот од студентите се зголеми во однос на претходните години. Фондацијата „Трајче Мукаетов“, исто така, продолжи со реализирање на својата редовна програмска активност. Од своето основање во мај 2007 година, Фондацијата има стипендирано 699 студенти, а врз основа на стипендиите и на еднократните парични награди за првенците на генерација од двата релевантни факултети, „Алкалоид“ АД Скопје инвестираше околу 141,7 милиони денари.
ИДНИНА
Во септември 2024 година свечено беше отворен Музејот на Алкалоид, простор во кој се содржани голем број експонати што сведочат за драгите спомени и за значајните моменти од работниот век на генерации алкалоидовци.
Овие поставки сведочат за етапниот развој на една успешна македонска приказна, приказна која новите генерации ја раскажуваат надвор од македонските граници преку пласманите на производите на „Алкалоид“ во повеќе од 50 земји во светот.
„Алкалоид“ денес е компанија со повеќе од 3.000 вработени, со речиси 6.000 акционери и со околу 2.000 домашни добавувачи. Голем број чинители ја вложија својата доверба во еден систем изграден во турбулентни времиња, а втемелен врз чесност, интегритет, доследност и заемно почитување.
Затоа, тука и сега, треба да го цениме она што го имаме и да тежнееме кон тоа да направиме позитивна промена почнувајќи од самите себе. Со личен пример може да ги подигнеме свеста и одговорноста за дисциплинирано, доследно и веродостојно работење, секогаш инспирирани од нашиот водечки принцип здравјето пред сè!
![[object Object]](/_next/image?url=%2F_next%2Fstatic%2Fmedia%2Fmk-logo.ad91bde9.jpg&w=640&q=75)