5 јун. 2025 г.

РК АЛКАЛОИД СО ИСТОРИСКИ УСПЕХ ЗА МАКЕДОНСКИОТ РАКОМЕТ


РК Алкалоид со особено задоволство ја информира јавноста дека, согласно официјалната одлука на Европската ракометна федерација (ЕХФ), е прогласен за победник на ЕХФ Европскиот куп за мажи за сезоната 2024/25.


Со службена победа од 10 : 0 во реванш-натпреварот кој требаше да се одигра во Скопје, РК Алкалоид ја обезбеди втората победа во финалната серија. Претходно клубот славеше и на првиот натпревар во Атина со резултат 25 : 29, со што го заокружи финалето со резултат 2 : 0 и ја освои престижната европска титула.


Овој трофеј претставува прва европска титула во кратката четиригодишна историја на РК Алкалоид, но и значаен успех за македонскиот клупски ракомет. Дополнително, ова е и првпат македонски тренер – Кирил Лазаров – да освои европска титула во улога на главен стратег, за што клубот му изразува искрена благодарност за неговите заложби, лидерство и несебична посветеност.


РК Алкалоид ја поздравува одлуката на ЕХФ, со која се потврдува дека спортскиот дух, фер-плејот и посветеноста водат до највисоки спортски достигнувања.


Клубот упатува искрена благодарност до навивачите, играчите и до стручниот штаб за нивната континуирана поддршка и ангажман на патот до овој историски успех.