24 ное. 2025 г.
Еден век развој на фармацевтската индустрија во Македонија: „Алкалоид“, дигиталната трансформација и незаменливата улога на фармацевтите
Околу стотина бруцоши на Фармацевтскиот факултет при УКИМ присуствуваа на предавањето „Нови трендови во фармацевтската индустрија: Kако се трансформира улогата на фармацевтите“, кое го одржа Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје.
Развојот на фармацијата во Македонија опфаќа период од речиси еден век – од моментот кога првата фармацевтка на Балканот Рајна Алексова ја добила својата диплома од Универзитетот во Лозана, со отворањето на првата аптека на Ахил Чаловски во Битола, па преку официјалното пуштање во употреба на погоните за екстракција на првата југословенска фабрика за алкалоиди во 1936 година, на патот од Скопје кон Велес, до денешниот развој на „Алкалоид“ во современа фармацевтска индустрија со деветдецениски континуитет на раст, значајни инвестиции, сопствени производствени капацитети и присуство на повеќе од 50 меѓународни пазари.
Во рамките на предавањето по предметот Основи на фармација, токму низ овие историски пресврти и значајни моменти, Мукаетов им го долови на студентите развојниот пат на фармацијата кај нас, надоврзувајќи се и на современите трендови и предизвици со кои се соочува индустријата, особено со сè поголемата примена на вештачката интелигенција во клучните системи и процеси.
„Целта на секој фармацевтски производ е да го подобри квалитетот на животот по достапна цена, а довербата игра клучна улога. Брендовите опстануваат само ако доследно ги исполнуваат своите ветувања“, посочи Мукаетов.
Воведувањето нов лек е долг и исклучително скап процес на истражување и развој, кој бара тесна соработка меѓу академијата и индустријата. Во таа насока, токму вештачката интелигенција станува сè поважен дел од фармацевтскиот развој, овозможувајќи поефикасно планирање на истражувањата и попрецизна анализа на огромните количини податоци, што значително ги скратува времето и трошоците потребни за создавање нов лек. Во тој процес на трансформација фармацевтите добиваат уште посуштинска улога.
„Ако вештачката интелигенција создава нови можности за побрзо откривање и развој на лекови, поефикасни процеси и за подлабока анализа на податоците, тогаш фармацевтите се тие што им даваат клиничка смисла на процесите. Затоа улогата на фармацевтите во трансформацијата на индустријата како клинички стратези, надзорници на ВИ-системите и како специјализирани професионалци насочени кон пациентите е незаменлива. Фармацевтите се прва поддршка за пациентите, клучни соработници на здравствените професионалци, промотори на научниот напредок и значаен столб на генеричката индустрија“, изјави Мукаетов.
Групацијата „Алкалоид“ брои 3023 вработени, од кои 623 дипломирани фармацевти и 226 фармацевтски техничари. На годишно ниво повеќе од 840 студенти од Фармацевтскиот факултет во Скопје посетуваат разни развојни програми во „Алкалоид“.
![[object Object]](/_next/image?url=%2F_next%2Fstatic%2Fmedia%2Fmk-logo.ad91bde9.jpg&w=640&q=75)